Луксембург беше само загревање, Македонија е во финалето на ЕХФ-шампионатот

Македонските ракометари до 18 години покажаа дека Луксембург не им е конкуренција, па во полуфиналето на ЕХФ-шампионатот во Летонија го совладаа убедливо, со 32.22.

Стана јасно дека Македонија е класа над Луксембуржаните уште на стартот на мечот, кога отворивме со 6-1, а вториот гол го примивме дури во 14. минута. Водството растеше рамномерно, но константно, Македонија постигнувапе голови од различни позиции и по максимални плус осум, на пауза заминавме со 15-9.

Второто полувреме нашите кадети го отворија предводени од Славо Шулевски, кој постигна пет гола до 40. минута. Меѓутоа, сега и полесно примавме голови, па нашата предност стоеше на исто ниво. На плус 10 покачивме дури во 53. минута, кога беше 29-19, а со комбинирани состави веќе беше јасно дека нема да се смени ништо во епилогот.

Шулевски брилираше со 10 гола, седум постигна Александар Петковски. Во финалето, избраниците на Раде Стојановиќ ќе играат со победникот од Швајцарија и Летонија, утре од 16 часот. Летонците веќе ги совладавме во фазата по групи, со 33-23, а ако се има предвид дека и Швајцарците се мачеа со Луксембург, па славеа со 28-26, може да се претпостави дека Македонија ќе има улога на фаворит. Победата е важна, затоа што првото место на овој турнир носи виза за СП 2023 и за ЕП 2024, за истава генерација.