ИХФ ѝ го олесни патот на Македонија кон ЛОИ 2028 – само треба да го повториме Катар!

Одлуката на Светската ракометна федерација (ИХФ) да им додели вајлд-карти на Турција и Саудиска Арабија за СП 2027 во Германија предизвика жестоки реакции во ракометниот свет, но и предизвика насмевки во македонската репрезентација, која со ова доби далеку полесен пат кон квалификациите за Олимписките игри за две години во Лос Анџелес.

Советот на ИХФ шокираше многумина кога ги избра Турција и Саудиска Арабија пред репрезентации како Унгарија, Австрија, Швајцарија и Црна Гора, што отвори бројни прашања околу критериумите и транспарентноста на процесот за доделување специјални покани. Сепак, ваквата одлука значително ја ослабува конкуренцијата во четвртиот шешир пред ждрепката за СП 2027, што може да биде предност за репрезентациите како Македонија, но и за останатите од регионот како Србија, Хрватска и Словенија.

Дополнителна важност на СП 2027 ќе биде фактот што токму преку него ќе се делат местата за олимписките квалификации, за што ќе биде потребен пласман меѓу првите девет селекции на светскиот шампионат. Ова дефинитивно не е нешто неостварливо за жолто-црвените, чиј најдобар пласман на досегашните СП е токму деветото место на Мундијалот во 2015 година во Катар.

Поради тоа, секоја нијанса во ждрепката може да има огромно значење. Во потенцијалните комбинации веќе се споменува група во која Македонија би можела да се соочи со Аргентина, Чиле и Турција, што на хартија изгледа далеку поповолно отколку можните пресметки со традиционално посилни противници од Европа.

Ждрепката на групите за претстојниот Мундијал ќе се одржи вечерва (18 часот) во Минхен.