Дибиров со гол-шоу против Србија, Аргентина до фантастичен бод против Унгарија

Русија не го реализираше последниот напад за победа против Србија, откако Дмитри Киселјев не погоди, па натпреварот заврши со резултат 30-30 во рамки на 1.коло во групата А.

Натпреварот беше неизвесен, но во најголем дел во водство беше Србија. На полувремето беше 16-16, но во вториот дел, нашиот северен сосед успеа да се одвои на +4 или 23-19. Русија се врати, па дојде и до водство од 27-26. Србија може да жали, бидејќи во самиот финиш прокоцка два гола предност 30-28, а „зборнајата“ успеа да се избори за бод и дури го имаше и последниот напад за победа. 

Тимур Дибиров беше играч на натпреварот со 12 голови за Русија и уште поимпресивно беше тоа што имаше само едно промашување. Кај Србија, Немања Илиќ со шест голови беше најефикасен. 

Драматично и интересно беше и во рамки на групата Д, каде се случи и големо изненадување. Аргентина успеа да ремизира против фаворитот Унгарија со 25-25. Унгарците беа подобри во првото полувреме, стартува со водство од 5-0, а на паузата заминаа со предност од 13-10. Во вториот дел, Аргентина стартуваше со серија од 6-2 и го сврте резултатот во своја корист. „Гаучосите“ успеваа да го водат натпреварот со еден гол, но Унгарија израмнуваше. Така се играше до самиот крај за конечни 25-25.

Золт Балог со осум голови беше најефикасен кај Унгарија, а Мате Лекаи реализираше шест пати. Пабло Симоне со шест голови најмногу се истакна кај „гаучосите“.

На натпреварот во групата Ц, Австрија го потврди својот фаворитски статус против Саудиска Арабија и славеше со 29-22.