Австриската полиција уште во 2018 ги отфрлила обвинувањата спрема Начевски и Николов!

Скандалозните обвинувања кои денеска ги објави данската ТВ2, на адреса на македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, како и нивните хрватски колеги Матија Губица и Борис Милошевиќ ја разбрануваа ракометната јавност среде најголемиот настан во овој спорт, но прашањето е нивната веродостојност.

Спорт1 дојде до информации дека обвинувања навистина постоеле, но и дека одамна се проверени и отфрлени како неосновани и тоа од австриската полиција. Според „Спортрадар“, за целиот случај известена била и Европската ракометна федерација (ЕХФ), уште во 2018 година, но никој ништо не слушнал за случајот потоа. Така е затоа што ЕХФ го предала случајот на надлежните во австриското министерство за внатрешни работи, а по соодветна истрага оттаму излегле со извештај дека не постои основа за понатамошно истражување и случајот бил отфрлен.

Освен за две средби за кои се обвинети нашите делители на правдата, Данците пишаа уште и за седум меча плус кои биле „свирени“ од хрватската двојка Губица - Милошевиќ, кои моментално се најдобри светски судии. Да бидат уште посмешни, во најновиот текст, Ѓорѓи Начевски го поврзуваат со „Џипси мафија“ за местење, која била поврзана со нечесно обложување на фудбакски натпевари од Серија Б пред 11 години. И тоа онака, без никакви докази, туку со перфидно подметнување...

Штом веќе поминал низ порите на институциите, се наметнува прашањето зошто баш сега данската ТВ2 го изнесе случајот на виделина, бидејќи штом веќе бил отфрлен од органите на законот, тој се претвора во неоснована шпекулација. Дали е ова оружје на внатрешно препукување за моќ во судиските структури на ЕХФ и ИХФ, кое има за цел да удри по реномето на македонската судиска двојка, можеби и по позицијата на Драган Начевски, таткото на Ѓорѓи, кој со години ја извршува позицијата претседател на судиската комисија во ЕХФ.