Ждрепката за СП - пресвртница за македонскиот женски ракомет!

Откако се претставија на Европското првенство во Скопје, македонските ракометарки ја очекуваат следната своја задача, противник во баражот за Светското првенство во 2023 година. Ждрепката е денеска во Љубљана, на завршната прес-конференција за ЕП, која почнува во 13 часот.

Можноста да бидеме кодомаќини на Европсково првенство има потенцијал да донесе и долгорочни благодети, само ако денешната ждрепка во Љубана биде поволна за Македонија. Поради учеството на ЕП, нашата репрезентација е во садот со носители, па има шанса да добие лесен, противник со послаб рејтинг во баражот за СП.

Можните ривали на Македонија се: Чешка, Австрија, Словачка, Исланд, Турција, Украина, Португалија, Грција, Италија и Косово. Најповолно би било, ако добиеме една од последниве три селекции во листата, но Македонија има позитивни натпревари и против Исланд и Турција, затоа шансите не се мали.

Во садот со носители, пак, покрај нашата репрезенација, се наоѓаат сите останати од ЕП, кои не добија директна виза за СП, а тоа се селекциите од седмо до 16. место: Хрватска, Шпанија, Германија, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Словенија, Србија и Швајцарија.

Оваа ждрепка може да претставува пресвртница за македонскиот женски ракомет, бидејкќи со добар противник Македонија би се пласирала на СП, а натпреварите таму ќе бидат можност за оваа млада генерација да напредува, да го качи рејтингот, што би било олеснување за одржување континуитет настапи на големите собири.

Ждрепката ќе биде пренесувана на официјалниот канал на Јутјуб.