Македонската ракометна репрезентација забележа победа во првиот натпревар со Романија, од баражот за Светското првенство во 2023 година и тоа со разлика која најавува успешен реванш за два дена. Во Букурешт ќе носиме позитива од осум гола, откако вечерва во „Борис Трајковски“ славевме со 30-22. 

Во никој случај не беше лесно како што може да се претпостави на прв поглед од конечниот резултат, бидејќи Романците беа достоен противник преку 50 минутуи. Впрочем, завршната предност Македонија ја стекна во последната четвртина од мечот, откако Романците имаа напад за 21-21 во 46. минута. Не го реализираа, а потоа следуваше серија од 9-1, која ги отслика силите и на двете селекции.

Романците, едноставно, снемаа „гориво“, недостатокот од широка клупа со квалитетни ракометари придонесе да бидат безидејни во нападот и да прават многу чести грешки, а македонските ракометари тоа успешно го казнуваа. Имаа највисоки 30-21 во финишот, сепак Никола Митревски последен прими гол. 

Неговиот колега на спротивната страна, Чипријан Јанку, беше еден од најдобрите адути на Романија, со 10 одбрани и можеби главниот фактор што Македонија не почна порано да се одлепува. Второто полувреме почна со 16-13 за црвено-жолтите, а во почетните минути од него дојдовме до 19-14, што беше најголема разлика дотогаш. Но, тогаш Јанку фати неколку топки, неговите соиграчи ги искористија минутите во кои игравме со исклучен играч и дојдоа на минус еден. За среќа, финишот ѝ припадна на Македонија, што ја истакнува зрелоста на овие ракометари, пред се на Филип Талески и Филип Кузмановски.

Левиот бек на Вардар го одигра најдобриот свој меч во репрезентативниот дрес, постигнувајќи 10 гола, два од нив во решавачката серија во финишот. Кузмановски помогна со седум, а Кире Лазаров пет пати беше прецизен од пенал, од вкупно седумте постигнати погодоци. За Романија хендикеп беше тоа што еден од најдобрите играчи, левиот бек Дан Ракотеа доби непромислен црвен картон во финишот на првото полувреме, поточно по неговото завршување, затоа што при изведувањето „формален“ слободен удар го прати во нок-даун Никола Маркоски, погодувајќи го со топка. Дотогаш имаше три гола и недостасуваше да им даде поддршка на Кумпаничи со пет и на Негру со четири гола.

Реваншот во Букурешт се игра в сабота од 16 часот, а ако Македонија победи, ќе оди во вториот круг од баражот каде што ќе се соочи во двомеч со Чешка, директно за пласман на СП во Полска и во Шведска.