Без преголема желба, без мотиви и без премногу жар, македонската ракометна репрезентација денеска го загуби мечот од Русија со30-28 во разигрувањето од 13-то до 16-то место, па црвено-жолтите ќе се борат за 15-та позиција со поразениот од дуелот Катар – Чиле (15.30 часот) утре на Светското првенство во Германија и Данска, со што завршува нашата авантура на овој шампионат.

По елиминацијата од главата фаза со поразот од Исланд пред два дена, ги урна мотивите кај македонските ракометари, кои денеска против Русите одиграа меч колку да се одигра истиот, без воопшто да влезат максимално и со преголема желба да победат за повисок пласман на Мундијалот. Како и обично се повторија почетничките грешки, по кои Русите лесно постигнуваа голови, па практично по само пет-шест минути во вториот дел речиси ја имаа осигурано победата.

Иако стартот изгледаше поинаку, Македонија водеше со 4-2, следеше неверојатен пад и неверојатни почетнички грешки во додавања, во игра 7 на 6, по што Житников како на тренинг ни ја наполни мрежата за серија 6-0, по која Македонија успеа да се врати комплетно во мечот со ремито 10-10 на средина од првиот дел, но Русите брзо ја преземаа контролата на мечот, стигна до тогаш на највисоки пет голови разлика (17-12), а на полувреме замина со три предност.

И потоа следуваше серија од 3-0 на стартот на вториот дел, по која прашањето за обедникот веќе беше предвидливо. Русите стигнаа до најубедливите плус шест (20-14) уште на стартот на полувремето, па прашањето за победникот практично и да беше решен. Македонија со серија одбрани на Никола Митревски, но и еден куп грешки на Русите, стигна да ја преполови предноста, а во завршните пет минути стигна и на достижни два разлика (25-27). Но, кратко траеше надежта, по два нереализирани напади, Русија повторно избега на плус четири на три минути до крајот и со тоа победата веќе не ѝ избега на „зборнаја“

Житникот во осум гола беше најефикасен во Русија, пет даде третиот лев бек Косторов, а од вардарците Глеб Калараш погоди четирипати, Дибиров и Кисељев по двапати, а Шишкарев не играше. Во нашата селекција Кире Лазаров беше најефикасен со осум гола, а Жарко Пешевски даде пет, додека Гоце Георгиевски и Филип Талески погодија по четири. Никола Митревски беше на ниво со 15 одбрани и еден гол во завршницата со кој беше поставен конечниот резултат (28-30).