Ристовски: Овој бод е добар, ама со горчлив вкус зашто можевме да победиме!

Борко Ристовски, првиот голман на македонската ракометна репрезентација по ремито со Исланд и освоените три бода од двомечот во овие евроквалификаци посочи дека на овој добар страт треба да се гледа како на нов почеток на националниот тим.

Македонија ремизираше со Исланд (24-24) и сега е прва со подобар меѓусебен скор од скандинавците, а со две победи во јунските завршни два меча, Македонија како првопласирана ќе стигне до Евро 2020, кое практично и повеќе не е доведено под знак прашалник.

„Ние после таа победа во Рејкјавик знаевме дека сега ќе не очекува потежок меч. И во поголемиот дел од овој дуел, тие имаа контрола, но нас овој бод иако е задоволувачки, ни останува горчлив вкус дека имавме шанса за победа. Но, ние во два меча со Исланд не загубивме и на ова треба да се гледа како нов почеток и нов чекор за да го одржиме нивото на ракометната репрезентација, па и да го кренеме“, рече Ристовски.

Макеоднија во јуни ја очекува прво гостување во Турција, па домашен меч со Грција, а според Ристовски сè зависи од Македонија и дека не треба да се стравува од двата ривали.

„Не постојат лесни и тешки мечеви, лесни и тешки ривали. За нас овие квалификации е да се биде или не, вечерва губевме, па успеавме да стигнеме, на крај освоивме голем бод. Сега не очекуваат два меча во кои најважно е во каква форма ќе биде целата репрезентација, зашто дуелите доаѓаат по тешка и напорна сезона. Но, од нас зависи сè. Зашто Турција има некој квалитет, но не е селекција од која треба да стравуваме, а ниту од Грција. На нас е да ги збиеме редовите и да победиме“, додава Ристовски.