Патот до СП за Македонија може да води преку Германија, Хрватска дури и Франција!

Како привршува главната фаза од Европското првенство во ракомет, се разјаснува сликата со улоги во претстојниот двослоен бараж за Светското првенство во 2023 година. Познати се осум од деветте можни противници на Македонија во априлското, второ коло, под услов да го поминеме првото, во март.

Репрезентациите пласирани од шесто до 15. место ќе бидат можни противници на Македонија во тоа второ коло од баражот или т.н. плејоф, со исклучок на Полска (12-то пласирана), која како кодомаќин е директно пласирана. Исвесни се осум од нив: Унгарија, Србија, Чешка, Црна Гора, Русија, Холандија, Германија и Хрватска. Деветтата селекција ќе биде шестопласираната на Еуро 2022, а тоа е поразената од мечот меѓу Норвешка и Франција/Исланд.

Норвешка е сигурна на третото место во групата во Братислава, а вечерашното дерби меѓу Данска и Франција ќе покаже каков ќе биде распоредот во Будимпешта. Ако Данците ја совладаат Франција, Исланд ќе се радува на полуфинале, а „триколорите“ ќе завршат трети во групата, со обврска да играат против Норвешка, за пласман на петтата или шестата позиција на првенството.

Очигледно е дека среќата ќе има огромен удел во судбината на Македонија, бидејќи воопшто не е исто дали ќе ја добиеме Црна Гора или Србија или пак Германија или Франција или Норвешка во баражот. Она што ќе зависи од нашиот национален тим е да го минеме првото коло од баражот во кое ние ќе го имаме притисокот на фаворити. Можните противници во него се Швајцарија, Романија, Грција, Израел, Естонија, Финска, Италија, Фарски Острови и Белгија.

Ждрепката ќе биде влечена викендов, во рамки на затворањето на Европското првенство во Унгарија и во Словачка.