Маџовски: Остроушко вели дека Украина не била аутсајдер!
Како аутсајдер, како репрезентација од последен шешир, Украина се враќа на големата ракометна сцена првпат по 10 години. Проширувањето на ЕП од 16 на 24 селекции ептен ѝ годеше, но од нивна перспектива тие се селекција која заслужува да е меѓу европската елита, дури и, како што ни кажа Бојан Маџовски, која има шанси за нешто повеќе од само настап.
Репрезентативното лево крило е соиграч со Владислав Остроушко, најдобриот голгетер на Еурофарм работник во полусезонава која заврши и човекот кој е „алфа и омега“ во угкраинската репрезентација.
„Остроушко коментира дека Украина не е аутсајдер во оваа група. Сепак, ние си подадовме рака и си посакавме среќа на меѓусебниот натпревар. Тој одигра добра полусезона, но за квалитетот на целата репрезентација и односот меѓу Украина и Македонија, мислам дека не треба да се зборува. Според мене имаме поквалитетна репрезентација, но тоа не значи дека треба да ги потцениме, тоа никако, затоа што може да ни се одбие од глава.“, вели Маџовски.
Обично, кога станува збор за дуел против послаба селекција, се прашува таа поквалитетната. Ако таа одигра како што знае не би требала да има проблеми. Нашата е без дискусија поквалитетна, со повеќе настапи на големи натправари, но треба да има сили и нерви тоа да го покаже на терен.
„Имавме навистина еден тежок период, со голем број на натпревари и напорни тренинзи, кои ги изработивме сто проценти. Сепак, ова е првенство, треба да се заборави на уморот. Нè очекува првиот натпревар на кој треба да дадеме максимум и да го почнеме ова ЕП со победа. Иако станува збор за еден склоп на млади ракометари, тоа не значи дека сме и неискусни. Овие ракокометари имаат доста големи натпревари како во репрезентацијата, така и клупски. Одигравме неколку натпревари без Киро, но сепак тој е глава на овој тим, тој нè учи постојано како треба на вакви средби“, додава Маџовски.
Кога го прашавме за една проценка на силите на сите репрезентации во нашата група Б:
„Само ќе кажам дека посакувам да бидеме први во групата.“
Имаме сили за тоа?
„Имаме!“