Лазаров му даде нова улога на голманот Митревски

Македонските ракометари денеска го имаа првиот собир пред двата пријателски меча против Србија на кои селекторот Кире Лазаров ќе им даде шанса на помладите ракометари.

На денешниот собир беше и актуелниот голман на ракометната репрезентација, Никола Митревски, кој овој пат нема да застане меѓу стативите, туку Лазаров му даде нова улога во пресрет на натпреварите.

Митревски ќе им биде тренер на голманите Кизиќ, Петковски и Ѓорѓески, додека во стручниот штаб нема да ги има Миркуловски и Јоновски, кои имаат обврски со нивните тимови.

Двата натпревари против Србија ќе се одиграат викендов во Ниш.