Лазаров: Да не нѐ успие победата од девет разлика со Јапонија!

Почеток на едно првенство со победа посакува секој тренер и играч, но веднаш потоа следи опасноста за опуштање. Македонските ракометари уште неполни 24 часа по триумфот сами се предупредуваат дека првиот триумф не значи ништо и мора концентрирано да се продолжи.

Капитенот Кире Лазаров има доволно километража во своите нозе за да знае дека една победа не е ништо, ако не се надоврзи со следна. Македонија има одлична шанса за тоа, особено што о стартот игра со двата, условно, аутсајдера во групата, Јапонија и Бахреин. Сепак, Бахреинците синоќа одлично ѝ се спротивставија на Шпанија, без разлика на поразот од 10 разлика, а Кире е убеден дека се поквалитетни од Јапонија.

„Колку што имам информации од вчерашниот меч со Шпанија, Бахреин е поквалитетна репрезентација од Јапонија. Тоа ни укажува да бидеме многу внимателни во утрешниот натпревар, да не нѐ успие победата од девет разлика со Јапонија, затоа што не беше така лесно како што изгледаше на крајот. Како што се договоривме, мора да одиме чекор по чекор, таа победа со Бахреин би ни значела многу, но нѐ очекува тешка борба и тежок натпревар. Ако одиграме максимално концентрирано и квалитетно може да се надеваме на двата бода.“, вели Лазаров.

Тешко е кога се игра против фаворит, но нам не ни е многу пријатно и кога ние сме фаворит, зашто мора да се оправда улогата и не смее да се разочара. Затоа и утре од 14 часот сѐ ќе зависи од Македонија, но Кире предупредува да се гледа и големата слика. Мора да сочуваме сили и за тешките натпревари кои доаѓаат.

„Да, утре ќе зависи од Макеоднија. Сега важно е тоа што здравствената состојба е добра, утрово никој не се пожали на некој проблем, на повреда. Тоа ме радува и тоа е добар знак дека утре сите 16 ќе можат да го дадат максимумот. Ме загрижува тоа што од утре почнуваме натпревар ден за ден, нема да имаме пауза за рекуперирање. Да не се повторуваме дека ростерот ни е таков каков што ни е, што подмладен, што неискусен. Тоа малку ме загрижува, ќе биде потешко да се анализира, да се подготвиме за следниот натпревар. Би било добро утре да одиграме добар натпревар, а патем да останеме здрави за да имаме сили за натпреварите што следуваат.“, истакна Лазаров.