„Комплицирано е да се подготвите за Македонија, таа е квалитетен ривал“

Македонија и Црна Гора се во слична ситуација во групата А, во Дебрецин. И двете се во подредена улога зад апсолутниот фаворит Данска и зад Словенија, која беше полуфиналист на последното Европско првенство. Затоа со посебна важност ќе гледаат на меѓусебниот дуел, кој претставува најреална шанса за победа и за двете.

Црна Гора за средбата со Македонија ќе биде засилена и со селекторот Зоран Рогановиќ, кој доби дозвола да ѝ е приклучи на репрезентацијата, откако доби негативен ковид-тест. Но, бидејќи присуството беше неизвесно, помошникот Драшко Мрвалјевиќ го подготвуваше натпреварот и призна дека Македонија му била проблематична за тактички да ја подготви.

„Македонците, ние и Словенците знаевме дека сме меѓу екипите меѓу која само една ќе помине во следната фаза. Ја почитувам Македонија, која веќе долго време учествува на големите натпреварувања. Тоа е искусна екипа, иако има доста млади играчи. Искусна е и организирана и на тоа морам да честитам. Ќе биде тешко, морам да признаам дека тактички е многу комплицирано да се подготвите за нив, бидејќи имаат голем квалитет“, истајна Мрвалјевиќ за црногорски Вијести.

Во четвртокот тие загубија од Данска со 21-30, но имаа шанса да го разиграат тимот, да добијат минутажа помладите играчи и да соберат самодоверба пред денешниот натпревар (18ч.). Велат дека Македонија за нив ќе биде како финале.

„Со Данска неколку млади играчи покажаа дека во иднина репрезентацијата може да се потпре на нив. Мечот со Македонците е како финале за нас, а мислам дека ќе го реши одбраната. Македонија има квалитет - добра транзиција, игра два на два... Ако успееме тоа да го спречиме и им помогнеме на нашите голмани, ќе си овозможиме да имаме полуконтра и контра. Ќе дадеме се, тоа можеме да го ветиме на навивачите“, изјави левото крило Филип Вујовиќ.