Грција се повлече од турнирот во Охрид – нема да игра против нашите девојки!

Предводниците на Ракометната Федерација на Македонија (РФМ) утринава ја информираа спортската јавност дека женската ракометна репрезентација на Грција нема да го продолжи своето учество на меѓународниот турнир „Трофеј Македонија“, кој се одржува во Охрид.

Причина за ваквата одлука е вирусна инфекција која зафати дел од ракометарките на грчкиот национален тим.

„РФМ на ракометарките од Грција им посакува брзо закрепнување и упатува искрена благодарност за нивното учество и придонес кон турнирот“, велат од Куќата на ракометот.

Ова значи дека македонската селекција веќе го заврши настапот на турнирот, со оглед што во денешното последно коло требаше да игра токму против грчкиот противник. „Трофеј Македонија“ ќе заврши со пресметката помеѓу Египет и Тунис (14 часот).