Грчевски: Некои ракометарки треба да се замислат дали заслужуваат да се тука!

Македонската ракометна репрезентација во денешниот натпревар на Европското првенство претрпе пораз од Унгарија со десет разлика 29-19. Унгарките беа фаворити пред почетокот, а ние бевме рамноправен противник само во првото полувреме.

Во првиот дел Македонија одигра одлично и во еден момент водеше и со два гола разлика, но во вториот дел нашата игра целосно се распадна и селекција како Унгарија тоа знаеше да го искористи. 

Селекторот, Кристијан Грчевски во изјавата по натпреварот како една од главните причина за поразот ги истакна промашените зицери.

„Одигравме одличен натпревар, посебно во првото полувреме кое беше навистина имаше изедначена игра. Можеби малку не потценија, а ние дадовме максимум. Второто полувреме започна малку лошо со деконцентрација во шутевите, промашувавме чисти ситуации кои моравме да ги реализираме ако сакаме да играме против вакви репрезентации, не смеевме да си дозволиме такво нешто“, истакна Грчевски.

Грчевски најави и дека во иднина може да има промени во националниот тим.

„Има ракометарки кои покажаа дека заслужуваат да бидат тука, но има и некои кои ќе треба малку да се замислат дали навистина заслужуваат да бидат во репрезентацијата или треба уште да работат да го заслужат дресот кои го носат“, истакна селекторот.

Македонија Европското првенство го заврши со само еден освоен бод од натпреварот со Турција и два порази од Шведска и Унгарија.