Далеку сме од какво било првенство: Украина ја здроби Македонија!

Пласманот на Светско првенство за ракометарки првпат по 2007 година се испостави како приказна за некои други времиња, бидејќи македонската репрезентација покажа дека е далеку од голем настан губејќи и вторпат во баражот со Украина.

Вториов пораз беше како да играме против некоја од селекциите од европскиот врв, постојано во негатива, честопати двоцифрена, до конечен пораз од 22-31.

Во унгарскиот град Кишварда, близу границата со Украина, се играше рамноправно неполни 15-тина минути. Последниот пристоен резултат беше 10-8 во корист на Украинките, но потоа тие продолжија да даваат голови низ пропустливата одбрана на Македонија, а нашиот напад заостана. 

Со серија од 4-0 противникот првпат „побегна“ на повисока разлика (14-8), а некаде пред финишот на полувремето одново врза серија голови, за предноста да стане двоцифрена. Највисоките +12 ги имаше на паузата кога важеше 24-12.

Во вториот дел катастрофата беше ублажена со поподнослива, едноцифрена негатива. Леонида Гичевска беше главно име во нашиот состав со девет гола, пет постигна Сара Ристовска. Со овој триумф Украина се пласира на СП во Данска, Шведска и во Норвешка, а Македонија ќе чека подобри времиња за сопствена мундијалска промоција.