Брестовац: Ова не е бод, ова се три бода од двомеч со Исланд!

Новиот селектор на македонската ракометна репрезентација, Данило Брестовац изјави дека е презадоволен од стартот на националниот тим под негова палка, откако во двомечот со Исланд освоивме три бода и сега сме први во евроквалификациската група.

Македонија имаше предност и акција за победа, но Исланд на десет секунди се извлече за бод, па заверката на пласманот Македонија ќе ја бара во јуни на гости во Турција и дома против Грција, иако повеќе од извесно е дека пласманот на ЕП не треба да биде доведен во прашање.

„Одигравме два исцрпувачки меча во пет дена и јас можам само да им честитан на ракометарите. Ова не е бод, ова се три бода од двомеч со Исланд. Многу вани бодови, зашто практично со нив се пласиравме на ЕП. Ако видиме во каква состојба бевме пред овој двомеч, па дури размислувавме дали ќе го фатиме и тоа трето место за пласман, а каде сме сега... Со две победи во јуни ние ќе го фатиме првото место за да имаме повластена ситуација“, рече Брестовац.

Селекторот посочи дека овој меч бил многу потежок од тој во Рејкјавик.

„Сигурно овој беше потежок, зашто емотивно бевме испразнети. Публиката беше наш играч плус, но ме радува тоа што бевме во дефицит, па двапати се враќавме во мечот, а имавме можност и да победиме. Нема што да им приговорам, зашто игравме со екипа која е во топк десет“, додаде Брестовац.