Брестовац ги одбра сите расположливи сили за ЕП 2020!

Селекторот на македонската ракометна репрезентација Данило Брестовац го објави поширокиот список на ракометари за претстојното Европско првенство во Австрија, Шведска и Норвешка, кое ќе се игра во јануари.

Брестовац на списокот има 28 ракометари од кои потоа ќе го скрати на потребниот број за настап на континенталниот шампионат. Како што најави, списокот е составен од повеќе млади ракометари, добар дел од веќе имаа шанса да се покажат на последната ЕХФ-недела, во пријателските средби со Турција, Италија и со Грузија.

Добра вест е враќањето во тимот на дефанзивецот Велко Маркоски, а шанса добија и интернационалците Дарко Георгиевски, од француски Анже и Костадин Петров од Гвадалахара. И тие, како и Мишевски, Кукуловски, Мартин Манасков... досега имале, најмалку еднаш, присуство во поширокиот список, а сега ова може да биде и филтер за настап на ЕП.

Првиот собир е на 21 декември, без поголем дел од првотимците интернационалци, а кон крајот на месецот Македонија ќе настапи на „Трофеј Карпати“ во Романија. Од 2 до 9 јануари ќе се подготвува во Словенија, каде што ќе тестира со домашната селекција и со Црна Гора. Првенството за нас стартува на 10 јануари против Украина од 20.30 часот. Два дена подоцна играме со Чешка од 16 часот, а на 14 јануари е пресметката со домаќинот Австрија од 18.15 часот.