Арените во Хрватска празни, освен кога игра Македонија - и пак не ѝ чиниме на ИХФ! (ФОТО)
Словенија и Унгарија имаат далеку подобар животен стандард од Македонија, но и покрај тоа навивачите од тие две земји се жалат дека сè им е скапо во Хрватска, па и додека играат нивните селекции трибините се речиси празни.
„Цена на половина литар пиво е шест евра, мора да платите и држач за пластична чаша која ќе ве чини уште две евра. Секако, може да ја задржите или вратите во барот за да ги добиете назад двете евра. Сите сокови чинат пет евра, а пола литар вода се продава за четири евра. Хот дог чини пет евра, а толку се и пуканките“, се жалат Словенците.
Македонците, за разлика од Словенците и Унгарците, очигледно не се премногу загрижени за високите цени на билетите, а тоа можеше да се забележи на дуелите против Унгарија и Холандија, каде што трибините беа исполнети.
„Фалангата“ верно ги следи ракометарите и им дава поддршка, но и покрај тоа очигледно не ѝ чиниме на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ), која реши да ја казни Ракометната федерација на Македонија, но и да затвори дел од трибините.
Причина за тоа беше скандалозното судење на данската двојка Мадс Хансен и Јеспер Мадсен, кои на мечот меѓу Македонија и Холандија не се двоумеа многу пред да покажат пенал за Холанѓаните, а тоа го покажува и статистиката на крајот на натпреварот, односно дури 12 пенали.