Вујо Мајсторе поднесе оставка во Железничар, ќе дојде ли 200 километри појужно?

Веселин Вујовиќ ја напуштил клупата на Железничар, пишува „Балкан-хендбол“, поради лошите резултати во домашната, Суперлига.

Оваа негова оставка доаѓа неполна недела откако Сергеј Самсоненко соопшти дека го напушта Вардар и ја завршува неговата успешна ера во европскиот ракомет. Тоа значи дека Вардар ќе бара друг финансиер, ако сака, барем, да се задржи на пристојно ниво.

Се поставува прашањето, дали Веселин Вујовиќ би дошол 200 километри појужно, затоа што неговата љубов кон Вардар е позната и докажана, но истовремено сите се сеќаваме на неговата изјава дека никогаш нема да се врати како тренер на црвено-црните, ако Русинот е на чело.

Сега тој, очигледно, си заминува, па ваквото сценарио би можело да добие на веројатност особено ако Михајло Михајловски би се вратил, барем, како еден од сопствениците, ако не како главен финансиер. Актуелниот претседател на СЕХА има изјавено дека никогаш нема да го остави Вардар на цедило, иако минатата година, по една од неколкуте закани на Самсоненко дека ќе си оди, изјави дека нема намера да се враќа на кормилото на клубот. Сепак, неговото реноме во ракометот во регионов е големо, така што не е исклучено да има, макар, индиректна улога во иднината на Вардар.