СЕХА постои само на „рускиот Фејсбук“ и за руските и белоруските клубови?! (ФОТО)

СЕХА-лигата најавила старт на новата сезона, но со екипи кои доаѓаат исклучиво од Русија и од Белорусија. Според плановите, новата сезона ќе има Источна и Западна дивизија, па оваа Источната веќе организира натпревари. За нашата, Западна, се уште нема информација, ниту најава, а впрочем и известувањето за натпреварите во Источната го нема ниту на официјалната веб-страница на СЕХА, ниту на нејзините страници на социјалните мрежи, туку единствено на - „рускиот Фејсбук“.

Веста за натпреварите од новата сезона е објавена на официјалната страница на СЕХА на „ВКонтакт“, социјална мрежа налик Фејсбук, која се користи во Русија и во околните земји. Во соопштението пишува дека натпреварите во Источната дивизија од новата сезона во СЕХА-лигата ќе почнат на 30 септември. Во дивизијата Исток ќе има две групи со по четири екипи, а форматот на играње е оној што во последниве години се практикуваше, играње во рамки на групата, а потоа нок-аут фаза и Ф4-турнир.

група А: Чеховски Медведи, СКА Минск, Гомел, Пермски Медведи
група Б: Мешков Брест, ЦСКА Москва, Нева, Машека

Дури веќе се шпекулира дека тамошниот фајнал-фор турнир ќе се одржи во Санкт Петербург, а домаќин ќе биде Нева, новиот клуб спонзориран од Газпром. И сето ова ќе личеше на своја посебна лига во Русија и во Белорусија, да не беше во план и дивизија „Запад“, барем декларативно. Идејата е во неа да си функционираат тимовите кои и досега беа во СЕХА и да играат до Ф4-турнир како и досега, со тоа што во новиот систем, финалистите од Ф4-турнирите од Исток и од Запад би се пресметале во уште еден Ф4-турнир за апсолутен шампион на СЕХА.

Но, тоа се само идеи и непотврдени најави, бидејќи на официјалната веб-страница на СЕХА, нема никаква трага за нова сезона. Исто е и на социјалните мрежи, па очигледно „СЕХА“ постои само во Русија и во Белорусија, бидејќи тамошниот „Фејсбук“, мрежата ВКонтакт веќе ги објави и двојките за првото коло на 30 септември. За појаснување, фан-страницата на ВКонтакт не е Источна СЕХА-лига или СЕХА дивизија Исток, туку само СЕХА, исто како и фан-страицата на Фејсбук, но очигледно таа и оваа СЕХА не функционираат синхронизирано. Принципите за односите со јавноста бараат таа да биде известена ако има некаква одлука, макар и предлог за менување на системот и воведување на Исток и Запад, но додека на Запад се планира старт и се бројат учесниците, на Исток веќе ќе се игра.