Ристовски: Војводина не е атрактивен противник, но мораме да бидеме сериозни

Голманот на Вардар, Борко Ристовски очекува утрешниот натпревар против Војводина да биде добар вовед во она што го очекува тимот во февруари, кога ќе игра натпревари секој три дена. 

Иако српскиот тим не е ривал од висок калибар, може да биде проблем ако „вардарци“ не му пристапат сериозно. 

„Почеток на вториот дел. Нè очекува еден не толку атрактивен натпревар за јавноста, но за нас многу важен, бидејќи сакаме да го стартуваме овој втор дел со победа без разлика против кого и да играме. Со оглед на проблемите со короната и отсуството на репрезентативците на СП, бевме некомплетни. Од повеќе аспекти мораме да бидеме претпазливи. Иако не се работи за некој сериозен противник, мораме ние да бидеме сериозни во пристапот и пристапот да биде максимален за да дадеме 100 отсто, затоа што сакаме да почнеме со победа и пред сè со добра игра. Да фатиме и континуитет на позитивни игри и резултати и на вториот натпревар. Да се обидеме во овој февруари, кој ќе биде пеколен за нас, да извлечеме што е можно повеќе бодови во Лигата на шампиони и СЕХА-лигата“, истанува Ристовски.