„Некои играчи ќе одморат, но одиме на победа и против Мотор“

Продолжува турбо-темпото за Вардар во СЕХА и во Лигата на шампионите комбинирано со нов натпревар. Утре во 20.45 во „Јане Сандански“ доаѓа Мотор Запорожје во седмото коло од регионалната конкуренција.

Проблемите со повреди веќе се стара приказна за Вардар и од натпревар во натпревар предизвик е да се собере здрава седморка за настап, без разлика дали играат крила, бекови или пикери. Утревечер Мотор доаѓа во слична состојба, така што и двете екипи нема да бидат со први тимови, но вардарци одат на три бода.

„Колку што знаеме, Мотор нема да дојде овде во најсилниот состав. Ние имаме своие планови за овој натпревар, мислам дека ќе можеме да комплетираме екипа и истовремено да одмориме некои од ракометарите. Тоа не значи дека се предаваме пред време, тоа не го рпавиме со никого, ние одиме на победа на секој натпревар и за нас секои три бода во сеха се важни“, изјави Едуард Кокшаров.

Слично беше краткото излагање и на капитенот Стојанче Стоилов, кој потсети колку беше напорен мечот со Кјелце во саботата.

„Играме против Мотор во незгоден момент, ќе биде тежок натпревар затоа што многу играчи се уморни, игравме исцрпувачки меч во сабота. Може да се калкулира малку и да одморат некои играчи, но одиме на победа, играме дома“, рече Стоилов.

Вардар и Мотор влегуваат со по 15 бода, на првото место вог рупата А.