Македонија во третиот шешир, подгответе се за ЕП во унгарски град

Македонската ракометна репрезентација е сместена во третиот шешир за ждрепката за ЕВРО 2022, која ќе се одржи в четврток, во Будимпешта. Европската ракометна федерација (ЕХФ) го соопшти конечниот состав на квалитативните шешири, а со оглед дека беа познати репрезентациите, кои по автоматизам добиваат група и град домаќин, може да се заклучи дека за нас достапни се три групи во Унгарија и само една во Словачка.

За да игра во Словачка, Македонија мора да биде извлечена во групата Д, каде што носител е Германија. Наспроти тоа, достапни ни се групите во Сегедин (А), во Будимпешта (Б) и во Дебрецен (Ц). Во групите Е и Ф не можеме да играме затоа што третиот шешир таму е веќе административно пополнет, Чешка е во Братислава во Е, а Словачка е во Кошице, во Ф.

Од аспект на географска поставеност и достапност за навивачи (ако бидат дозволени), најдобра опција е Сегедин, со тоа што, би било добро среќата да нè посака и покрај носителот Хрватска да добиеме некоја од (условно) послабите селекции од вториот шешир, како Србија, Русија, Австрија, наместо Данска или Шведска. Во вториот шешир е и Унгарија, но неа не можеме да ја добиеме во Сегедин, туку би ни била противник само во Будимпешта.

Колку и да звучи раскошно и привлечно од туристички аспект, унгарската престолнина може да донесе пеколна група за Македонија, бидејќи во неа е веќе домаќинот, а празно е местото за носителот, што значи таму може да се смести некоја од  Шпанија, Норвешка, Португалија. Словенија исто така е во првиот шешир и таа е поподнослив носител, но за да ја имаме неа навивачите би требало да патуваат до Дебрецен.

Нешто што е сигурно е дека Македонија не може да се падне во иста група со Исланд, Франција и со Белорусија, кои исто така се во третиот шешир. ЕП во Унгарија и во Словачка ќе се одржи од 13 до 31 јануари 2022.