Како некогаш во „Кале“: На Вујо му пукна филмот, збесна и му се нафрли на судијата! (ВИДЕО)

Веселин Вујовиќ не додржа и дозволи да му „пукне“ темпераментот, па да избувне среде натпревар и тоа на судија. Ова нѐ враќа во 2008 година, кога на дербито меѓу Вардар и Металург, во „Кале“ едвај го задржаа да не влезе во физичка пресметка со судијата Ѓорѓи Начевски.

На дуелот од словенечкото првенство, меѓу Лока и неговиот Копер, во еден момент судиите доделија две минути за двајца ракометари на Копер, при еден ист фаул. Вујо прво како да не ја сфати работата, а кога разбра дека двајца му исклучиле жестоко бараше објаснување од судијата кој ги досуди санкциите. Овој како да го чекаше тоа, па веднаш му даде две минути и на темпераментниот тренер. 

Се разбира, ова не го запре Вујо и тој збесна дополнително, па доби и црвен картон, а набргу и син, што значи има можност да биде суспендиран за следниот меч. Дојдоа играчите, луѓето од неговиот стручен штаб и едвај го додржаа. Сепак, бргу се созеде, им се извини на навивачите и се пресели на трибини. Подоцна даде и изјва, со која јавно се извини.

Инцидентот се случи по 59:20 на видеото

„Мојата реакција беше претерана и мислам дека заслужив и син картон. Признавам дека направив грешка, но важно е и ако судиите ги разберат сопствените грешки, дека тие не се безгрешни и дека мора да бидат одговорни за своите акции, затоа што тие некогаш решаваат натпревари. Што и да реши дисциплинската комисија ќе го почитувам. Ако сум суспендиран, нема ни да поднесам жалба, иако веројатно имам право на тоа“, вели Вујо за словенечките медиуми.

Интересно е тоа што тој е тренер на Копер, но истовремено е и селектор на Словенија, а сега сме во време кога се загреваат емоциите за репрезентацијата, на еден месец до ЕП во Хрватска.

“Не сакам да добивам никакви привилегии затоа што сум селектор на Словенија. Направив Грешка, иако бев испровоциран да реагирам на таков начин. Треба да имам поголема контрола врз себе и како тренер и како селектор, треба да бидам пример за другите. Навистина се обидував за овој натпревар да се воздржам, но ги загубив нервите. Се извинувам на публиката, на клубот и секако, на судиите. По натпреварот ги видов и лично им се извинив“, дополни Вујовиќ.

Ова неодоливо потсеќа на инцидентот од 2008 година, кога тој, како тренер на Вардар, бурно реагираше на одлука на судијата Ѓорѓи Начевски, по што мораше да реагираат дури и специјалните единици.