„Дојдов во Скопје да го победам Вардар, тоа право не може никој да ми го земе!“

Татран допатува во Скопје како голем конкурент на Вардар за првите две-три позиции на СЕХА-табелата и така се однесуваше, сепак искуството на црвено-црните пресуди и им ја донесе победата. Тренерот на Татран, Славко Голужа, отворено си кажа дека дошол овде по победа.

Татран има добра сезона и во Лигата на шампионите и во СЕХА и оттука си зема право да поверува дека може да слави во „Јане Сандански“ вечерва. Сепак, желбите на Голужа и неговите ракометари не се исполнија, иако беа блиску.

„Имавме план да го умртвиме натпреварот, знаевме дека Вардар не смее да се разигра. Натпреварот се игра 60 минути, а не 55. Она што ми е жал, во второто полувреме, кога имавме играч повеќе, им дадовме топка во раце. Јас дојдов овде да го победам Вардар. Не знам дали добро ме слушнавте, но јас дојдов во Скопје за да го победам Вардар. Мислам дека имам право на тоа, имав голем мотив и навистина се подготвував за тоа и жал ми е што не успеавме. Горд сум на нашите момци, покажавме карактер, тоа е Татран кој го сакам, екипа која покажува борба гради в гради. Сега ни останува да работиме, в петок имаме многу важен натпревар, мора да се фокусираме“, рече Голужа.

СЕХА-лигата е сѐ што му остана на Татран (покрај домашното првенство), ако се земе предвид дека отпатна од Лигата на шампионите и тоа само за еден гол, во директниот дуел со Спортинг.

„Кога ја почнавме сезоната, цел ни беше да поминеме понатаму во ЛШ. Изгледа проблем е тоа што јас и претседателот на мојот клуб ставаме високи цели пред нас. Но, без разлика на с, ние покажавме еден добар настап во Лигата на шампионите и во натпреварите што ги игравме со противниците кои продолжија понатаму всушност бевме подобри. Висока цел си поставивме и вечерва во Скопје, но имам право на тоа, нели?“, заврши некогашниот среден бек на хрватската репрезентација.