Дибиров и Чаневски во тимот на месецот во СЕХА-лига (ВИДЕО)

СЕХА-лигата го објави вториот ТВ-магазин за оваа сезона, а во негови рамки и најдобрите седуммина за натпреварите од изминатиов период, во февруари и во март. Вардар и Еурофарм Пелистер имаат по еден претставник, Тимур Дибиров и Градимир Чаневски.

Дибиров е издвоен како најдобар ракометар на Вардар во овие зафатени два месеца, а најдобар личен настап имаше, за жал, во поразот на Вардар на гости кај Нексе (36-32), во кој постигна девет гола.

Тој е најдобро лево крило, додека голман на идеалниот тим е Градимир Чаневски од Еурофарм Пелистер. Тој го предводеше својот тим со 14 интервенции против Металопластика, а девет имаше против Загреб.

Во идеалниот тим доминира Мотор Запорожје, со двајца ракометари и со тренерот Савукинас, најзаслужен што Украинците се први во групата Б од СЕХА-лигата.

 

голман - Градимир Чаневски (Еурофарм Пелистер)

лево крило - Тимур Дибиров (Вардар)

десно крило - Владо Матановиќ (ППД Загреб)

лев бек - Халил Јагањац (Нексе)

среден бек - Ајденас Малашинскас (Мотор Запорожје)

десен бек - Воислав Рајовиќ (Металопластика)

пивот - Вјачеслав Бохан (Мотор Запорожје)

тренер - Гинтарас Савукинас (Мотор Запорожје)