ЖРК Металург и Куманово заедно загубија со вкупни - 64 разлика!

Додека ЖРК Вардар реди победи во Лигата на шампионите, реалноста на македонскиот женски ракомет се виде во понискорангираните купови, каде што викендов настапија ЖРК Металург и ЖРК Куманово. Вториве имаат уште еден натпревар, но не е потребно да се одигра за да се констатира дека се веќе елиминирани.

И кумановки и ракометарките на Металург играа денеска и двете ги снајде дебакл. Девојките од „Автокоманда“ вторпат се соочија со Фертилидад Малага и загубија со 14-37, шест разлика повеќе од петочниот пораз. Противникот имаше надмоќ уште во првиот дел, кој го доби со 18-7. Најефикасни кај Металург беа Калајџиевска со четири и Гајиќ со три гола.

Меѓутоа и овие 23 разлика за Металург изгледаат подносливи ако се споредат со поразот на Куманово кај Лублин со 13-54. Катастрофата стана јасна уште во првото полувреме кое полскиот тим го доби со 24-4.

Станува збор за два различни меча, но бидејќи се „по грбот“ на македонскиот ракомет, ќе ги споиме за да констатираме дека нашите екипи денеска загубија со вкупна гол-разлика минус 64!

Кумановки имаат уште еден меч за играње од оваа трета квалификациска рунда од Челинџ-купот, утре во 18 часот, повторно на теренот на Лублин.