Вардарки ја чекаат ждрепката како најимпресивна екипа во ЛШ сезонава!

Ракометарките на Вардар вечерва ќе го добијат противникот за полуфиналето од Лигата на шампионите, на ждрепката во Виена (18 часот). Како ретко кога, сите четири екипи се изедначени и секоја има рамноправни шанси да стигне до титулата. Сепак, ЕХФ објави статистика, која вели дека Вардар е најдобриот тим од досегашната сезона.

Вардарки влегуваат во денешната ждрепка како екипа со најимпресивна статистика од сезонава во Лигата на шампионите. Тоа е екипата со најуспешен скор сезонава, односно со ефект од 13 победи и само еден пораз. Згора на тоа, Вардар има најдобар напад со 418 постигнати гола или 29,8 по натпревар, а притоа има втора најдобра одбрана, со 339 примени (24,2 во просек), повеќе само од Ростов (330).

Вардар е единствената екипа која ќе учествува на сите пет Ф4-турнири во ЛШ, од нивното воведување во 2014 година, меѓутоа ниту еднаш досега не успеа да го освои. Ако се гледа традицијата, најмали шанси за шампион има Ѓер, бидејќи ниту еден тим досега, откако постои Ф4 и кај мажите и кај жените, не успеал да излезе победник две години по ред.

И вардаровиот тренер, Ирина Дибирова, е во фокусот, бидејќи може да направи историја, како прва жена која ја освоила Лигата на шампионите и како играч и како тренер. Во минатата декада се прослави во дресот на Шлагелсе (2005) и со Звезда Звенингород (2008). Меѓу рекордите од ваков тип, предничи и Катарина Булатовиќ од Ростов Дон, која може да ја освои петтата титула, откако претходно победуваше со Шлагелсе, со Ѓер и двапати со Будуќност.

Комплетната статистика можете да ја погледнете на страницата на ЕХФ.

Во ждрепката во Виена, денеска, нема повластени екипи или фаворити и сите четири ќе бидат влечени со рамноправни шанси. Вардарки во досегашните четири полуфиналиња играа двапати со Будуќност во 2014 и 2015 и двапати со ЧСМ Букурешт, во 2016 и 2017 и победија само во последниот случај.