Вардар ја возвраќа услугата: Металург ќе игра ЛШ во „Јане Сандански“!

Наместо големото ривалство на кое навикнавме пред 7-8 години, ова лето односот на Вардар и Металург малку чуден. Се разбира, позитивно. Прво црвено-црните тренираа два дена во „Автокоманда“, а сега Металург ќе игра официјален натпревар во „Јане Сандански“.

Салата на Вардар нема да биде постојан домаќин на Металург, туку само на еден натпревар, во третото коло од ЛШ, против Татран Прешов. Раководството на „сините“ било принудено да бара алтернатива за тој натпревар, затоа што во „ВИП-арената“ во СЦ „Борис Трајковски“ од 5 до 10 октомври се одржува саем за мебел.

Мечот против Татран треба да биде викендот на 29 и 30 септември, но очигледно поради подготовките и типот на саемот Металург нема да може да ја користи салата. Затоа се обратил кај својот соседски ривал и добил термини за тој викенд.

Металург ќе ја почне ЛШ на гости кај Спортинг, на 15 септември, а првиот домашен меч е со Бешикташ, на 23 септември во „Борис Трајковски“. Добро е што во термините на 7 и 13 октомври (4. и 5. коло) Металург гостува, кај Силкеборг, па кај Чеховски, така што нема да има потреба за втора „преселба“.

Со ова, Вардар на некој начин му ја враќа услугата, бидејќи на крајот од јули беше принуден да тренира два дена во „Автокоманда“, поради младинското ЕП во кошарка кое се одржуваше во „Јане Сандански“.