Талант сега знае за крилата-бекови, на Вардар му треба ново изненадување во Кјелце!

Со многу проблеми и со резултатски притисок да го задржи второто место на табелата, Вардар денеска (18ч.) му гостува на Кјелце, во 8. коло од ракометната Лига на шампионите. Грстот повредени играчи, тренерот Едуард Кокшаров успешно го прикри на првиот дуел, во Скопје, но ќе успее ли сега да го изненади колегата Талант Душебаев.

Работите не се сменија многу на подобро од минатиот викенд, кога Кјелце беше запрен во Скопје на 28-28. Атман и Дисингер повторно ќе бидат на половина сили, прашање е Германецот колку воопшто ќе придонесе, а главниот бомбардер, Даинис Криштопанс повторно е неоспособен поради повредата на десниот скочен зглоб. Пред седум дена успешно и умешно надополнија Тимур Дибиров и Иван Чупиќ како бекови и Сташ Скубе преземајќи го товарот како единствен на своја матична позиција во надворешната линија, но ако тогаш тоа беше изненадување за Талант Душебаев и за неговите ракометари, сега ќе очекуваат.

Гениијалниот ракометен ум имаше недела дена да смисли против-одбрана на тој напад „7 на 6“ со два пивота кои ја разбиваат зоната, знаејќи дека сега и Сергеј Горпишин заздраве за да помогне во ротацијата. Кјелце заостанува зад Вардар на табелата, се наоѓа на петтото место со осум бода, а европскиот првак е втор со девет, така што јасна е колкава е мотивациајта кај нив да се искористи домашниот терен за два бода, кои ќе значат скок од 2-3 позиции.

Ова ќе биде петто гостување на Вардар кај Кјелце, на четирите досега не успеваше да се спаси од пораз, иако секогаш било драматично и тесно.