Со најмали шанси досега: Вардар и Металург се фрлаат во европскиот оган!

Шеста сезона едноподруго Лигата на шампионите почна со две екипи од Македонија, меѓу своите учесници. Вардар и Металург повторно се во елитата, иако сега, можеби, со најмали шанси за добар резултат, споредено со настапите од 2013 наваму. И двете скопски екипи отвораат како гости, Металург во Лисабон (19.30), Вардар кај европскиот првак (17.30).

Почеток на сезона со пресметка на двата претходни европски шампиони. Подобро од тоа не може, но прашање е колку од Вардар има останато од таа блескава екипа, која пред година и пол го освои Келн. Сепак, таков каков што е, со нов тренер, со неколку нови, уште невклопени ракометари, македонскиот првак денеска ќе му влезе во домот на европскиот.

Монпелје сега е во кожата на Вардар од пред 12 години, ја освои Европа кога никој не го насетуваше, па ако продолжи по вардаровите стапки, значи ќе почна во фантастичен ритам. Тимот е малку променет, си замина влијателниот пивот Лудовик Фабрегас (Барселона), а на негово место дојде Швеѓанецот Петерсон, од Тулуз. Сепак, тоа е империја која тренерот Патрис Канаје ја гради повеќе од две децении и еден играч нема да прави разлика.

Монпелје секогаш игра атомски ракомет, со многу трчање и секогаш бил незгоден противник за Вардар, иако првата победа ја оствари дури во Келн, во полуфиналето (27-28). Претходно вардарци трипати победија, а еднаш одиграа реми, 34-34 во жешката „Арена Монпелје“. Тој ефикасен натпревар може да биде предупредување за кревката и недооформена одбрана на Роберто Гарсија Парондо и предизвик за нападот да парира. Тој меч почнува во 17.30 часот.

Од друга страна, Металург е целосен аутсајдер на гостувањето кај Спортинг, во рамки групата Ц, од послабата половина во ЛШ. Не затоа што Португалците се нешто посебно, туку поради состојбата во Металург. Неодамна го загубија капитенот Филип Кузмановски, кој замина во Еурофарм Работник, а тој беше една од двете главни алки, заедно со Халил Јагањац.

Згора на тоа, повредени се двајцата ракометари на десна бековска позиција, Мартин Велковски и Томислав Јагуриновски, па Данило Брестовац ќе има предизвик со скратени ресурси да покаже достоинство на теренот, но барем нема притисок, бидејќи никој не очекува резултат од Металург во овој момент. Двете екипи и лани беа соперници во групите, а секој си победи на свој терен. Тој дуел стартува во 19.30.