Шундовски: Овој Пелистер има квалитет за бодови во ЛШ, но и за одбрана на титулата (ВИДЕО)

Ракометарите на Пелистер утре ќе ѝ гостуваат на данската екипа Фредериција (18.45 часот), со со надеж дека ќе дојдат до уште некој бод против една од најслабите екипи во групата.

Тренерот Звонко Шундовски изрази силна верба во својот тим, кој според него е доволно квалитетен да ја одбрани шампионската титула во домашното првенство и да освојува бодови во Лигата на шампионите.

„Имаме добра екипа која во следниот период ќе ги покаже своите вистински вредности и резултати. Оваа екипа е составена, пред сè, за да го освои домашното првенство и да освојува бодови во Лигата на шампионите,“ изјави Шундовски.

Повратникот на клупата на зелено-белите од Битола во однос на утрешниот противник нагласи.

„Фредериција е навистина добар тим. Доаѓа од Данска, една од најголемите светски ракометни сили, што доволно кажува за каков тим се работи. Играат модерен, брз ракомет со доста шутеви од надвор и имаат самодоверба. Но, ние мора да се фокусираме на нашата цел. Сите во екипата се максимално мотивирани и со вистински пристап кон играта, верувам дека имаме шанси за добар резултат“, дополну популарниот Шундо.

Ова ќе биде дуел на двете последнопласирани во групата А, со тоа што Фредериција оствари една победа, а Пелистер има едно реми во досегашните шест средби во ЛШ.