
Штербик кажа збогум и ја откри формулата за успех во Вардар!
За среќа на македонските ракометни уживачи, Штербик помина четири години во Вардар (2014-2018) и беше директен фактор за остварување на убавата приказна од 2017 година, кога црвено-црните првпат ја покорија Европа. Никој не веруваше дека аутсајдерите од Скопје се кадарни да им ги замешаат плановите на Барселона, ПСЖ и на Веспрем, но излезе дека има нешто посилно од парите и името. Штербик го прашаа која е таа магична формула или што е она што го направи Вардар победнички тим.
„Самодоверба и заедништво. Кога ќе погледнам на мојата титула со Вардар во 2017 годинасе сеќавам дека имаше многу самодоверба. Ние навистина верувавме во успехот. Немаше ниеден момент, кога некој од нас не мислеше дека можеме да победиме. Беше едно прекрасно искуство и убаво чувство да се биде дел од тој тим. Сите бевме како едно и чувството беше како сите да сме на иста бранова должина“, се изјасни голманот.
Тој е роден во Сента, во Војводина, Унгарец по етнос, но Југословен по репрезентација откако излезе од тинејџерските години, па до 2005 година. Потоа зеде и шпански пасош, па продолжи да освојува и со „фуријата“. Има светско и европско злато со Шпанија, две бронзи со Југославија од Мундијалите, а клупски четирипати се качуваше на врвот на Европа.
„Тешко е да се избере еден најубав момент, затоа ќе одам со моментите во кои се чувствував најдобро Кога првпат ја освоивме ЛШ со Сиудад Реал дефинитивно беше уникатно чувство. Никогаш не сум се чувствувал така порано. Да искусите нешто за што само сте сонувале е незаборавно. Уште еден незаборавен момент беше СП во 1999 со Југославија. Бев 19-годишен дебитант, кога тренерот Живковиќ ми даде шанса пред 25.000 гледачи, против Германија во четвртфиналето. Горд сум на тој бронзен медал од многу причини. Кога ќе погледнам наназад, имав многу среќа во животот. Преку ракометот, имв можност да запознаам многу добри луѓе и да играм со најдобрите играчи. Можам само да речам, ти благодарам на ракометот.“, додаде Штербик.