Вардар ја потсети Европа кој е европски првак и ја победи Барселона со 27-24 во дербито од групата А во Лигата на шампионите.

Ако некој досега се сомневаше во способноста на Вардар да чекори цврсто кон одбрана на европската титула, сега нема причина за тоа бидејќи падна најголемиот противник што, во оваа фаза може да дојде во Скопје. Надиграна и надмудрена, Барселона немаше решение за црвено-црните и единствениот период во кој беше рамноправна беа почетните десетина минути. 

Дотогаш дури и водеше шпанскиот првак, но кога почна да функционира вардаровата одбрана, комбинирана со брилијантноста на Штербик - ѝ немаше спас. Од негативата 5-6 во 12. минута, Вардар направи серија од 6-0, Штербик ја одбрани мрежата цели седум минути и победничката предност веќе беше создадена.

Зоната беше беспрекорна, поставена 5-1, најчесто со Кањелјас како најисторен, а што ќе поминеше покрај него често запираше и во блокот, ако не застанеше во телото на Штербик. Во 26. минута водството прват застана на шест разлика, со 15-9, но до крајот на полувремето Каталонците го намалија на 16-12.

Во почетните минути од вториот дел Барса дојде и на минус три, но кратко траеше надежта дека ќе се врати во овој меч, бидејќи Вардар беше преразновиден во нападот дури и за расположен Гонзало Перез де Варгас. До 35. минута веќе се врати на шест позитива и држеше комотна предност до 48., кога дојде и до плус седум, 23-16.

Од овој момент, можеби дојде до едно очекувано опуштање, но никако за да дојде во прашање победата, така што Барселона може да биде среќна што конечниот пораз е изразен само со три негатива. Раул Гонзалес на овој меч помалку од вообичаено ротираше, па во нападот најчестата бековска тројка беше Борозан, Циндриќ и Македа, па тие беа и најефикасни, Црногорецот со шест гола, Хрватот со четири, а Шпанецот со пет.

Арпад Штербик на деветте одбрани од првиот дел додаде уште пет за вкупно 14, а неговиот пандан на спротивната страна имаше 13, недозволувајќи му на Борко Ристовски да застане на голот. Валеро Ривера беше прв стрелец на мечот со осум погодоци.

По пет кола Вардар е прв во групата А со 9 бода, 8 има Рајн-Некар на второто место, Барселона е трета со 7. Следниот меч црвено-црните го играат кај Кристијанштад, по репрезентативната пауза, на 4 ноември.