Се растури шампионскиот тим, па Вардар повеќе не е кандидат за фајнл-фор!?

Откако поголем дел од шампионскиот состав на македонскиот ракометен првак Вардар си замина летово, почнувајќи од Арпад Штербик, Хорхе Македа, Жоан Кањелас, Лука Циндриќ, Илија Абутовиќ, Мијајло Марсениќ, според ракометните стручњаци во Лигата на шампионите, црвено-црните не се повеќе кандидати за фајнл-форот, а уште помалку за европската круна.

Вардар го нема во „топ десет“ најдобри клубови во анализата на интернет-страницата на ракометната Лига на шампионите, во која анализирале новинарите на „ehfCL.com“, пред стартот на новата сезона која почнува неделава. Вардар тргнува со гостување кај првиот фаворит и европскиот првак Монпелје в сабота од 17.30 часот.

Токму Монпелје на ова рангирање е прв фаворит, а зад него се германски Рајн Некар, чиј член е Филип Талески, следи ПСЖ на македонскиот селектор Раул Гонзалес, Фленсбург, а „топ пет“ го заокружува Барселона. ВО најдобрата десетка се и белоруски Мешков Брест како шестопласиран, Нант со Кире Лазаров на седмата позиција, ПИК Сегед како осми, Веспрем со Дејан Манасков и бившиот вардарец Штербик на деветото место, а Кјелце со Лука Циндриќ е десетти.

Целата анализа пред стартот на сезоната во ЛШ може да ја прочитате тука.