Раул: На Супер глоуб не бевме толку лоши колку што изгледаше, сега можеме и до победа!

Ако досега можеше да се протне по некоја грешка или да се победи со просечно издание, викендов - тешко. Во „Јане Сандански“ гостува големата Барселона, првиот конурент на Вардар за врвот во група А.

И Вардар и Барселона досега имаат по три победи и едно реми, најавувајќи дека трката по првото место во група А ќе биде многу тесна. Меѓутоа, тоа може да се смени токму на овие директни дуели. Вардар немаше победа против Барселона сѐ до полуфиналето на Ф-4 турнирот во Келн, така што, ако постоела некаква психолошка бариера, сега и таа треба да е отстранета. Дополнителен ветар во грб ќе биде домашниот терен и исполнетата сала, барем така посакаа актерите.

„За мене ова е најголемиот противник бидејќи има искусни играчи кои знаат да играат големи натпревари. Ако сакаме добар резултат мора да ја имаме најдобрата одбрана. Во напад мора да бидеме добри бидејќи Де Варгас е мнгудобар голман. Навивачите мора да навиваат многу зашто ќе биде тешко. Ние сме сега еднакви, имаме исто бодови на табелата и затоа ова ќе биде важен натпревар. Ќе биде тежок, но со нашите навивачи имаме шанса да победиме“, се надева Раул Гонзалес.

Барселона е единственоит тим кој го победи Вардар по шампионската титула во Келн, во полуфиналето на Супер глоуб со 32-29. Сепак, Раул не се оптоварува многу со тоа бидејќи смета дека Вардар одиграл добро, освен во еден мал период од мечот кој, за жал и пресудил.

„На Супер глоуб ние бевме катастрофа, но само првите 15 минути. Потоа бевме добри, но Барселона имаше седум разлика и тешко беше да се стигне. Мислам дека не беше толку лошо како што изгледаше. Натпреварот во Сегед покажа дека ако играме добра одбрана екипата добро функционира кога играме добра одбрана, тогаш имаме и контра напад. Затоа најважно за нас е да одиграме добра одбрана“, потенцира тренерот.

Натпреварот се игра в сабота во 17.30.