Почнуваат игрите по тронот на Вардар, прв предизвикувач - Монпелје!

Почнува сезоната во Лигата на шампионите, за Вардар исто како и минатата, на гости кај Монпелје. Разликата сега е во тоа што не Французите, туку вардарци се бранители на пехарот. Натпреварот стартува во 17.30 часот.

Трета сезона едноподруго Вардар почнува во Европа и притоа се соочува со неверување. Прво од експертската ракометна јавност на Стариот континент, а потоа од медиумите, дури и нашите од Македонија. Прво беше прашање како ќе се однесува неочекуваниот европски шампион, но тој ја почна сезоната 2017/18 со пет победи едноподруго, заврши прв во групата и се пласира на Ф4.

Потоа си замина Раул и едно чудо важни ракометари, па новата сезона 2018/19 почна со неверување дека дебитантот на главното тренерско столче, Роберто Парондо, нема ниту квалитет ниту искуство да биде конкурентен. Тој одговори со пет победи едноподруго во новата сезона и со пехар, девет месеци подоцна.

Доаѓаме до ден денешен, кога црвено-црната дружина ракометари, повторно со некои промени, но со истото јадро, се наоѓа во истата реприза. Нов тренер, нови ракометари, мала верба од јавноста дека имаат капацитет да го одржат нивото од минатите сезони...

На нив е да одговорат како што само тие знаат.

Вардар и во минатото победувал на невозможни гостински терени и со противници кои е незамисливо во теорија да ги добиете. Попладнево од 17.30 „сè што треба“ да направи е да слави кај веќе познат „пациент“. Монпелје е екипа која ја снајде вистински она што се очекуваше за Вардар. Минатата сезона ја почна како актуелен европски првак, но одигра катастрофално лошо и не успеа да се пласира ниту во втората фаза.

И понатаму Патрис Канаје ги повлекува конците и понатаму има конкурентна екипа, со многу исти ракометари како оние кои го збришаа ПСЖ на паркетот во Келн, пред 15-тина месеци. Оттука, никако не смее да се потцени Монпелје, но истовремено ниту да се прецени. Ако Вардар одигра како што паметиме дека знае, ќе ја почне сезоната со два бода. Но, Давид Писонеро, за разлика од неговите претходници, веќе запиша пораз уште пред стартот на Лигата на шампионите (кај Мотор, во СЕХА), затоа ќе му треба дополнителна доза самодоверба.