Писонеро: Ако не го победиме Порто, џабе двата бода од Монпелје!

Вардар го очекува вториот натпревар од Лигата на шампионите, но прв пред домашната публика, која едвај чека да го поздрави европскиот шампион. Противникот е по мерка, португалскиот првак Порто, меѓутоа вардарци уште сега се внимателни.

Можеби не доаѓа екипа со звучно име, како Кил или Кјелце, но доаѓа екипа која сигурно е способна за големи дела. Во првото коло Порто губеше со осум разлика дома од Мешков Брест и на крај успеа да победи. И Вардар доаѓа по триумф, во Монпелје, но за да има значење тој успех, потребна е победа и в недела, вели тренерот Давид Писонеро.

„Мислам дека ова ќе биде тежок и важен меч за нас. Во првото коло го совладавме Монпелје, освоивме два важни бода, но ако не победиме во недела, тие нема да значат ништо. Екипата на Порто е една од најдобрите екипи во светот кога игра 7 на шест, така што ќе видиме како ќе се справиме со тоа. Ќе биде тежок натпревар и тој стил на игра сигурно ќе биде несекојдневен за нас, бидејќи не играме против такви екипи“, вели Писонеро.

Тој имаше шанса да ги „загрее“ играчите во средата, со Суперкупот против Металург, кој Вардар рутински го доби, дури и штедејќи ги играчите. Писонеро потврди дека тие што не играа како Чупиќ, Скубе, Гедбан...се здрави, само одмораа.

„Имавме тешка недела, не беше лесен натпреварот со Металург, моравме и за него да се подготвиме. Беше важно да победиме, но и да ги поштедиме играчите кои ќе треба да играат в недела“, додаде Шпанецот.

Натпреварот со Порто се игра в недела, од 17 часот.