Новиот Вардар го реши европскот првак: Милосављев збесна бранејќи за слатка одмазда за Келн!

Иако шампионскиот состав на Вардар се распадна летово, па половина од ракометните ѕвезди си заминаа, македонскиот шампион има капацитет за големи дострели и тоа го покажа и со реновираниот тим денеска на гостувањето кај актуелниот европски првак Монпелје, кого црвено-црните го победија со 27-24. 

Вардарци на најубав можен начин покажаа дека заминувањето на Штербик, Циндриќ, Абутовиќ, Македа, Кањелас, Марсениќ нема толку драстично да се почувствува, па сето тоа го надополнија Дејан Милосављев, Сташ Скубе и останатите во пресметката со европскиот владетел.

Милосављев го имаше мечот на кариерата, збесна бранејќи, бранеше и три напади во пет секунди идо лудило ги доведе домашните ракометари. На крајот собра 17 одбрани и беше несовладлив, а и херој на големата победа на вардарци против Монпелје. Ова беше реванш на Вардар за поразот во полуфиналето во Келн во мај годинава, а дуелот на Монпејле и на Вардар е пресметка на последните два европски шампиони и фантастична најава за новата сезона во која очигледно е дека црвено-црните повторно имаат сериозни амбиции и трета година по ред да играат на завршниот турнир во Келн.

Иако францускиот тим беше апсолутен фаворит, уште од стартот на мечот Вардар покажа дека не е дојден само да одигра, туку во Скопје да донесе голема победа. Па во егал и израмнет меч, најчесто Вардар водеше во првиот дел, најмногу со два разлика во 10-та минута (6-4), но наизменично се менуваа со водство до крајот на полувремето, а Иван Чупиќ донесе предност пред паузата за 12-11. И само што почна вториот дел, Вардар со два гола исчекори на највисоки три, кои ги одржуваше во првата половина од мечот (од 14-11 до 18-15 во периодот), но потоа Францизите полека ја стопија предноста, па дури и успеаа да поведат на средина од вториот дел.

Сепак, Вардар брзо се врати во мечот, брзо го врати водството, пред се предводен од Вуко Борозан, Сташ Кубе и Иван Чупиќ, па од последниот егал 22-22, црвено-црните направија два гола предност и ја задржаа истата. На пет минути пред крајот Чупиќ даде за предност од три разлика (25-22) и сето тоа го одржаа за голем триумф.

Борозан со осум гола од 11 обиди беше прв стрелец, пет гола даде Скубе, максимални шест од шест имаше Чупиќ, а Милосављев брилјираше на голот. Кај Монпелје, Вид Кавтичник даде шест гола од шест обиди и беше најдобар поединец во таборот на европскиот шампион.