Нов тежок пораз на европскиот првак: Кјелце го распарчи Вардар со десет разлика

Европскиот ракометен првак Вардар го доживеа третиот пораз сезонава и загуби убедливо со 35-25 на гостувањето во Полска кај Виве Кјелце, само една недела откако ремизираа во Скопје и повторно лошата игра во одбраната и брзоплетоста со многу технички грешки донесоа нов убедлив пораз за црвено-црните.

Вардарци некако се држеа во првиот дел во кој беа постојано во негатива, но успеваа да останат во игра, иако имаа и минус пет во еден период (12-7, 15-10) за да стигнат до негатива од три гола на паузата (17-14), но лошиот старт на вториот дел и брзи три гола повторно ја вратија предноста на Полјаците, која до средината на вториот дел ја зголемија на плус шест (24-18), а во завршницата само се зголемуваше до максимални 11 разлика за Кјелце (35-24), за на крај мечот да заврши со деседвоцифрена победа за домашните.

Вардар потфрли во одбраната, голманите повторно не беа на ниво, а само младиот Марко Кизиќ имаше најголем број на интервенции, но и кога ќе одбранеше, честопати брзоплетоста и домашниот голман Волф ги спречуваа вардарци да се вратат барем малку во игра. Сè изгледаше до десет минути до крајот дека Вардар барем пристојно ќе загуби, но потоа следеше потопот за нов дебакл, после убедливите порази од Кил дома и од Веспрем на гости.

Игор Карачич и Артсем Каралек со по шест гола од седум обиди беа најефикасни кај Кјелце, а Блаж Јанц и Брајко Вујовиќ дадоа по четири, додека врилјираше Волф на голот со 14 одбрани. Тимур Дибиров постигна девет гола од 13 обиди и беше прв стрелец, Сташ Скубе даде шест, а Стојанче Стоилов пет на денешниот меч.

Со овој пораз Вардар падна од второто место после триумфот на Веспрем, а Кил останува засега лидер во групата.