Ништо ново од Пелистер во Европа, висок пораз и во Полска!

Македонскиот шампион Пелистер го претрпе и деветтиот пораз, во деветтиот натпревар сезонава од Лигата на шампионите.

Кјелце ги совлада битолчани со 35-25 и ги остави без бодови на пет кола пред крајот на групната фаза од елитното натпреварување. Тоа значи дека во моментов сите шанси за пласман во плејофот се сведени на теорија, а за успех ќе се смета ако Пелистер до крајот оствари барем една победа.

Нашиот претставник во Лигата на шампионите вечерва се спротивстави само во првите три минути во кои беше во водство со 1-0 и 2-1, а потоа имаше 3-3. Следуваше серија на Кјелце од 5-1 за во финишот од првото полувреме, полскиот тим да дојде и до +6 (18-12).

По десетина минути во вториот дел, Кјелце веќе имаше предност од 11 разлика (27-16), па последната третина од мечот остана само формалност. Во неа, Пелистер само на моменти успеваше да се симне на едноцифрена негатива, а единствена дилема остана конечниот резултат.

Нејц Цехте со седум гола беше прв стрелец во тимот на Пелистер, Пешевски постигна пет, а по четири реализираа Борзаш и Радивојевиќ. До зимската пауза, битолскиот тим го очекува уште еден меч и тоа против Загреб на домашен терен, можеби последната шанса за победа.