Митиќ: Ова е добра шанса за Металург да дојдеме и до првата победа

Металург утре гостува кај Фајверс во рами на Европската лига во обид да ја прекина низата порази. Во саботата скопскиот тим беше поразен од Чеховски Медведи во арената „Борис Трајковски“, па момците на тренерот Оливер Димитриоски очекуваат подобра претстава. 

Поради многуте проблеми со играчкиот кадар, повредите и Ковид-19, голема шанса доби младиот пикер Андреј Митиќ. Тој од натпревар во натпревар ја користи шансата и против Чеховски беше еден од најдобрите на теренот со осум голови. 

„На првиот натпревар со Фајверс одигравме нерешено, а ова е добра шанса за нас младите, за целиот тим да дојдеме и до првата победа. Не сме комплетни, но се надевам дека ќе пружиме добра игра. И на мечот со Ч. Медведи во Скопје одигравме добро, но поради некои наши грешки во финишот го загубивме така натпреварот“, вели младиот пикер.

Митиќ е среќен што добива шанса во првиот тим и се надева дека дополнително ќе напредува во овие натпревари од Европската лига.

„Што се однесува до мене, јас сум благодарен на Металург и тренерот Димитриоски за шансата што ја добив. Мое е на секој натпревар да го давам максумумот, да се надоградувам и да бидат подобар од натпревар во натпревар. Засега сум задоволен, но целта е да напредувам, а ова е голема шанса и за мене и за другите млади играчи“, завршува 20-годишникот. 

Металург утре против Фајверс игра од 20:45 часот.  Во рамки на групата А, тимот од Автокоманда е последен на табелата со само еден бод од седум натпревари.