Металург подмладен: Против Спортинг ќе дебитира наследникот на Кире Лазаров

Металург го очекува нова можност за први бодови и, можеби, прва победа во Лигата на шампионите во денешниот натпревар со Спортинг. За денешниот меч (17.30ч.) Лино Червар (ако се вратил од Хрватска) реши да го промени и подмлади составот со неколку талентирани играчи, меѓу кои и 17-годишниот десен бек Мартин Серафимов.

Среде недела, Металург се соочи со цврсти шпекулации дека Лино Червар нема да биде повеќе тренер, туку ќе се посвети само на хрватската репрезентација. И сето тоа во кревок период, кога екипата се обидува да застане на нозе, да фати ритам и да постави една хармонија која ќе почне да носи бодови и во Лигата на шампионите. 

Меѓутоа сега дојде ден за натпревар и сето тоа мора да се стави во мирување. Лино Червар најави дека ќе се врати за мечот, а пријавениот состав кој ќе излезе против Спортинг личи на него. Тимот на Металург е подмладен со четворица нови играчи, во однос на досегашните натпревари.

Најголемо внимание привлекува малолетниот Мартин Серафимов, роден во 2000 година, кој уште сега ветува голема кариера со својата ретка левица и веќе го гледаат како наследник на Кире Лазаров во репрезентацијата на Македонија. Тој досега играше одлично во редовите на Металург 2, во домашното првенство, но пријавен е и за ЛШ, па влегува во составот на местото на Јануш Лапајне, кој го заврши краткиот престој меѓу сините.

Има промена и на голманската позиција, наместо Мартин Томовски, ќе брани вториот младински репрезентативен чувар, Никола Даниловски. Ќе одмори и пивотот Костадин Петров, отстапувајќи му место на Филип Арсеновски, а Мице Шилегов на десно крило ќе го замени Александар Гуглета.

Досега металурзите имаа два неуспешни обида за први бодови во ЛШ, очекуваниот пораз во Монпелје и дуелот со Бешикташ во Скопје, кој го загубија на неискуство. Меѓутоа, тоа е единственото нешто кое не може да им се замери. Млади се и се залагаат и тоа е основното што мора да се бара од нив. Останатото зависи и од тренерот и од мотивациата и од фокусираноста на мечот.

Спортинг е противник кој тешко ќе падне, со оглед на искусните имиња во него. Се враќа Јанко Божовиќ, кој бомбардираше во синиот дрес пред две сезони. Покрај него, во тимот имаат искусни имиња од Лигата на шампионите како Никчевиќ, Роча, Руезга, а тука е и доскорашниот пивот на Татран Прешов, Копчо. Спортинг досега загуби убедливо од Мотор, на домашен терен, но го победи Бешикташ на гости.