Македонската публика сака да се прости со Металург во ЛШ со победа!

Со Лино на трибини, без шанси за продолжување на настапот во Лигата на шампионите, Металург денеска (17.30) ќе го одигра последниот домашен натпревар, претпоследен во групната фаза, против Мотор Запорожје.

Ако ја повторат играта од Украина, македонсите вицешампиони без дилема ќе победат вечерва. Таму игравме 28-28, а во првото полувреме имавме плус девет и оправдано во синиот табор велат дека тоа им е најдобриот меч сезонава.

За да го повторат потребна е концентрација во нападот и организација во одбраната. Тренерот Александар Јовиќ посака 13-14 интервенции на голманите, како ветер в грб за победа, така што јасно е што е потребно - само уште да се оствари.

За тоа се прашува и противникот, а тој нема некои големи резултатски мотиви за вечерва. Второ место е, со 11 бода, четири повеќе од Бешикташ кој овој викенд гостува во Монпелје, што значи практично е пласиран во плејофот за осминафинале. Металург, пак, има пет бода и со победа може да се бори и за третото место во групата, чисто за сопствена сатисфакција.

Минатата сезона Мотор славеше тесно, со 23-21, што е уште еден доказ дека не поминува лесно со Металург. Важното е што сите ракометари се здрави и на располагање, потребно е само да го дадат најдоброто од себе.