Македонија тргна со пораз на ЕП на плажа

Македонската женска репрезентација го почна Европското првенство на плажа со пораз од Украина со 0-2 во сетови (8-20, 16-23) во Назаре (Португалија).

Избраничките на тренерскиот тандем Златко Мојсовски-Ања Алтхаус заминаа како замена за Турција на ова ЕП на плажа, па неискуството си го направи своето и Украинките, предводени од две репрезентативки од големиот ракомет, Анастасија Бондаренко (14 поени) и Јулија Андријчук (12 поени) беа пресилни за македонските ракометарки.

Украинките прелесно го добија првиот сет во кој освоивме само осум поени, но во вториот пружија многу поголем отпор до средина на сетот бевме конкурентни, но фаворитките ја оправдаа својата улога за да се одлепат потоа и да нѐ победат.

Ана Марија Божиновска имаше најмногу поени 6, додека Ангела Јанкуловска, Теодора Гулицкоска, Бојана Диневска и Теодора Марковска запишаа по четири, а Пена Граматова заврши со два.

Следниот меч од групата е денеска од 15 часот против Холандија.