Македонија нема загарантиран претставник во новата ЛШ со 12 екипи! (ФОТО)

Европската ракометна федерација (ЕХФ) потврди дека ќе го менува форматот на Лигата на шампионите, овојпат со целосно нов систем, од групи во една единствена лига.

Почнувајќи од сезоната 2020, Лигата на шампионите на ЕХФ ќе брои 12 екипи и нема да има групи, туку ќе биде лигашки систем. Сите 12 екипи ќе играат против секого дома и на гости, а потоа првите осум одат во четврт-финале, каде што ќе вкрстат по принципот прво со осмо место, второ со седмо, трето со шесто и четврто со петто. Четирите победници одат на Ф4-турнир каде што принципот е познат.

Она што ја интересира Македонија е начинот на кој ќе се пополнат местата во оваа лига. Осум екипи ќе се пласираат како шампиони на најдобрите осум првенства во Европа, според коефициентот на ЕХФ, а останатите четири ќе добијат специјална покана.

Да беше во прашање тековнава сезона, којашто сега почна, тогаш Македонија ќе имаше свој претставник во една Лига од таков формат (да занемариме дека Вардар беше европски првак) поради фактот што годинва македонското првенство е на осмо место на табелата според ЕХФ-коефициентот. На рангирањето за 2017-18 година меѓу првите осум се Германија, Унгарија, Шпанија, Франција, Полска, Данска, Хрватска и Македонија, па ако претпоставиме дека оваа сезона се воведеше овој нов систем, ова ќе беа земјите чии шампиони имаат сигурно место во ЛШ.

Меѓутоа, никој не ни гарантира, дека македонското првенство ќе биде меѓу топ-8 и за сезоната 2020-2021, кога навистина ќе биде воведен новиот формат. Ова рангирање на ЕХФ се прави според остварениот пласман во европските натпреварувања од последните три сезони, што ќе рече успехот на нашите клубови во 2017/18, 2018/19 и 2019/20 ќе бидат клучни за пласманот меѓу првите осум. Сепак и да излеземе од првата осумка, не е нереално ако се потпираме на реномето и на квалитетот на Вардар (ако и тогаш биде на ова високо ниво), па тој добие една од четирите специјални покани.

Актуелниот ЕХФ-куп ќе биде исто така трансформиран. Ќе се вика Европска ракометна лига и ќе биде сочинет од 24 тима, поделени во четири групи со по шест екипи. Првите четири од секоја група ќе одат во осминафинале, па преку нокаут-систем до Ф4-завршница. Овде Македонија ќе има два сигурни претставника, меѓутоа со оглед на индивидуалниот рејтинг на клубовите, Металург би одел директно во групите, а вториот претставник, сигурно би морал да мине квалификации.

Промени ќе има и во женската ЛШ, каде што ќе се задржи групниот систем, но сега со 16 екипи, две групи со по осум, од кои првите четири ќе одат во четврт-финале, а потоа во Ф4. И овде она што сега се нарекува ЕХФ-куп, ќе се преименува во Женска европска ракометна лига, иако ќе го задржи актуелниов формат, а сегашниот Челинџ-куп, ќе го преземе името ЕХФ-куп, исто така во постоечкиот формат.