Ма, каков европски првак: Барса ќе игра против Вардар без да тренира во Скопје!

Ракометарите на Барселона ќе пристигнат во Скопје дури вечерва, без да одржат тренинг во „Јане Сандански“, салата во која утре ќе ги пречека Вардар, во дербито од 3. коло во Лигата на шампионите.

Вардар е европски шампион, сите екипи кон него гледаат со посебни очи и со многу посериозен пристап оваа сезона, ама тоа, изгледа, не важи за Барселона. Екипата во која настапува Борко Ристовски во моментов има седум бода на табелата во група А, идентично колку Вардар и затоа овој меч ќе биде витален во трката за врвот.

Меѓутоа тоа не подразбира дека Барса мора да тренира во Скопје пред дербито. Нивното раководство решило да патува денеска попладне и да пристигне во Скопје во 20 часот.

Тоа значи дека време за тренинг вечерва нема, но Барса нема да одржи ни утрински тренинг, информираат од Вардар и ќе оди директно на натпревар. Не дека противникот им е непознат или, пак, салата нова, но ова не е честа практика на екипите во Лигата на шампионите.

Натпреварот се игра утре во 17.30 и ќе биде трет во четири и пол месеци, по полуфиналето во ЛШ во јуни и полуфиналето на Супер глоуб во август. Првото го доби Вардар, а второто Барселона.