Кјелце го истурка Кил и стана фаворит за противник на Вардар!

Во 13. коло на ракометната Лига на шампиони во групата Б, екипата на Кјелце успеа да оствари победа на гостувањето во Германија кај Кил, па сега на дофат им е четвртата позиција, која ќе им овозможи евентуален дуел со актуелниот европски шампион Вардар во четвртфиналето.

Домаќините го отворија подобро натпреварот и имаа неколку пати предност од три погодоци, но Кјелце постојано се враќаше во игра и на полувремето замина со негатива од еден погодок. Во вториот дел гостите имаа фантастична серија од голови, со која отидоа на момент и до максимални пет погодоци предност, но таа се стопи до крајот на само еден, па екипата од Полска триумфираше со 30-29

Кил сега има 15 бода на четвртото место, а во последното коло, ќе има пеколно тешка задача на гости кај големиот фаворит ПСЖ, па постои голема можност до четвртата позиција да стигне Кјелце, кој има 13 бода и подобар меѓусебен скор од „зебрите“, а во наредниот меч ќе се пресмета со Мешков Брест.

Секако, не зависи се од исходот на Кил во наредното коло, туку улога играат и Веспрем, како и Фленсбург, кои исто така имаат по 15 бода, но тие во ова коло играат меѓу себе плус уште по еден натпревар во последното.

Четвртото место од оваа група Б е потенцијален противник на Вардар, само во случај ако црвено-црните го сочуваат првото место во групата А. Тогаш го прескокнуваат осминафиналето и во четвртфиналето играат победникот од четвртото место во групата Б и петтото во групата А (во мопментов Пик Сегед).