Кјелце доби мотивација да му помогне на Вардар за второ место

Претпоследното коло во групите А и Б во Лигата на шампионите почна со дерби, Рајн-Некар против Кјелце, кое заврши во корист на домаќините.

Рајн-Некар го совлада Кјелце со 30-29 и со тоа се надоврза на неговата мизерија од минатото коло, кога загуби дома од Монпелје. Со овој резултат, Кјелце дополнително се оддалечи од борбата за второто место во групата А, која се поизвесно им преостанува на Вардар и на Веспрем.

Меѓутоа, токму Кјелце може да биде клучен во оваа трка. Полјаците во последното коло играат дома против Веспрем, а во ситуација кога загубија двапати по ред, сигурно ќе бидат двојно мотивирани да слават против Унгарците, па со бодови во последното коло да освојат што е можно поповолна позиција во групата.

Во моментов, Кјелце и Рајн-Некар имаат по 14 бода на четвртата, односно на петтата позиција со по еден преостанат натпревар. Вардар в сабота (19ч.) му гостува на Кристијанштад, а  на 2 март го пречекува Монпелје, тоа се моментно претпоследната и последната екипа на табелата. Веспрем, пак, в недела го пречекува Мешков Брест, а на втори март во исто време со Вардар ќе му гостува на Кјелце.

На вечерашниот натпревар во Манхајм, македонскиот репрезентативец Филип Талески немаше придонес во победата на Рајн-Некар, а најефикасен беше Анди Шмид, со осум гола. На спротивната страна Хулен Агинагалде броеше до пет.